За мене
Јас сум Весна! Не сум писател. Ни поет. Ниту научник, ни психолог. Ни мудрец, ни доктор. Јас сум само обична жена. Јас сум само капка во цело ова море наречено свет. Јас сум само човек кој како и сите вас не случајно се наоѓа во мистеријава наречена ЖИВОТ.
Овде сум за да со вас го споделам она што го правам, мислам, чувствувам од длабочината на душата, да го споделам она што го живеам и доживувам и во иднина. Не очекувам дека секој ќе ги сфати и прифати моите погледи и верувања. И тоа е сосема во ред и нормално. И така и треба да биде. Затоа што сите ние сме различни и сите имаме своја приказна според која сме ги добиле нашите уверувања.
Кога се најдов во лавиринтот кој ми го припреми животот и кога со последните сили го барав излезот се сетив на зборовите на Данте Алигери во Пеколот кој вели
"СЕКОЈ ОД НАС ГО ЖИВЕЕ СВОЈОТ ПЕКОЛ А ГО СОНУВА СВОЈОТ РАЈ".
Во полусвесна состојба пред очи имав слика од расипан монитор со безброј прашања:
Која е вистината?
Што е животот, а што смртта?
Дали е ова живот? Рај е или пекол? Дали всушност ние сме мртви, а животот е после смртта?
Зошто некои луѓе имаат чувство дека се живи, а некои не?
Зошто некои луѓе се среќни, здрави, успешни а некои не?
Зошто се случува се што се случува?
Што всушност правам јас овде?
И уште поважно што треба да направам за да и јас ЖИВЕАМ?